Откриена е првата „жртва“ на ОИ во Токио, поточно пред почетокот на Олимпијадата. Репрезентативецот на Австралија во коњички спортови, Џејми Кермонд (36) е исфрлен од олимпискиот тим на својата земја затоа што неговиот примерок на анти-допинг тест бил позитивен на кокаин.
Тој бил тестиран на крајот на минатиот месец, а сега стигнал резултатот во Австралиската федерација на коњички спортови, која веднаш го казнила Кермонд.
„Кокаинот е забранет за учесниците во натпреварувањето според правилникот на Светската анти-допинг агенција и австралискиот Национален анти-допинг правилник за 2021 година“ – пишува во официјалното соопштение.
Од Олимпискиот комитет на Австралија без размислување веднаш го тргнале Кермонд од листата на патници за Токио, а интересно, неговиот коњ Напа неколку дена претходно бил донесен во главниот град на Јапонија.
„Многу сум вознемирен и се каам за се, но ја прифаќам одговорноста, Искрено ми е жал затоа што изневерив многу луѓе, пред се моето семејство и колегите од тимот“ вели Кермонд.