Top Sport

Лазаров: Дојдовме со „детска градинка“, но не се посрамотивме!

По поразот од Исланд и неуспехот да се влезе во втората фаза на Светското првенство во Германија и Данска, несомнено повторно ќе ја придвижи темата за подмладување на репрезентацијата и што тоа значи за иднината на националниот тим.

Капитенот Кирил Лазаров, признава дека било премногу да се очекува да се направи поголем успех со оглед на тоа со кои ракометари во моментов располага селекторот Раул Гонзалес.

„Мислам дека одигравме добро против квалитетен Исланд и не се посрамотивме против посилните противници. Посакувавме пласман во следната фаза, но и претходно кажав дека ќе биде ’светско чудо’ ако одиме понатаму. Дојдовме со детска градинка, но горд сум на нив, и верувам дека треба да се охрабрат, да им се даде поддршка и гарантирам дека ако се работи вака не треба да се грижиме за иднината на националниот тим. Момците видоа како е да се игра под притисок и не треба да се откажеме од нивниот развој. Нема простор за демотивирање. Пофалба за Раул Гонзалес, кој е еден од топ 3 тренери на светот и чест е да се учи од таков стручњак“, вели Лазаров во изјавата за „МТВ“ по мечот.

Со него се согласува и вториот најискусен ракометар во нашиот тим, голманот Борко Ристовски.

„Добро го отворивме мечот, првото полувреме беше добро, но во второто полувреме не одеше играта 7-на-6, и влегувавме во непотребни фаули и игравме премногу пасивно. Исланд ја казни нашата игра, но ова можеби е реалноста за силата на нашата репрезентација. Одиме во Келн да одиграме до крај и по долго време не сме во втората рунда. Мора да се гледа напред и со овие млади момци да изградиме подобра репрезентација. Работиме да го заддржиме континуитетот на настап на големите натпреварувања“, изјави Ристовски.

Фото: ЕПА

Scroll to Top