Македонската ракометна репрезентација по поведниот триумф над селекцијата на Јапонија, денеска го игра второто коло на СП во Германија и Данска. Противник на нашите ракометари од 14 часот ќе им биде азиската селекција на Бахреин која на првиот меч на СП загуби со 10 гола разлика од Шпанија.
Очекувањата на селекторот Раул Гонзалез и на сите репрезентативци се дека со мудра и стрплива игра можеме да ја совладаме селекцијата на Бахреин со што би влегле во добра позиција пред трите главни дуели во групата против Хрватска, веќе утре, но и со Шпанија, односно Исланд во последното коло од групата Б во Минхен.
Традицијата и квалитетот се на наша страна, во досегашните 5 дуели против азиски селекции на мундијалите, Македонија има исто толку победи.
Селекторот Гонзалес за денешниот дуел се одлучи за истите играчи како и против Јапонците, па на трибините ќе останат голманот Даскаловски и пикерот Лазаревски.
Во нашата група, по завршувањето на мечот Македонија – Бахреин, во 16.30 часот играат Хрватска – Јапонија, а во вечерниот термин од 19 часот силите ќе ги одмерат Исланд и Шпанија.