Македонските ракометни репрезентативци на чело со селекторот Данило Брестовац големите христијански празници – Бадник и Божик годинава ќе ги дочекаат во Словенија. Нашата репрезентација во комплетен состав, денеска отпатува кон Словенија за да ја одработи клучната фаза од подготовките пред Европското првенство кое започнува на 9. овој месец во Австрија, Шведска и Норвешка.
Брестовац во Словенија ќе смета на 20-те во моментов најподготвени ракометари меѓу кои се и капитенот Кире Лазаров, потоа Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Дејан Манасков, Филип Талески и Филип Кузмановски.
Овие играчи, кои се костурот на селекција, го пропуштија турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија, а не настапија и на контролните дуели со Кувајт.
Македонија за утре, 3 јануари предвидено е да игра пријателски меч против Словенија, а на 5 овој месец е предвидена и контролка со селекцијата на Црна Гора. По овој меч селекторот треба да го направи финалниот рез и да го состави списокот од 16 ракометари кои на 9 јануари ќе отпатуваат во Виена, Австрија.
На 10 јануари Македонија го игра првиот дуел на првенството, против селекцијата на Украина.
Мечот од второто коло е предвиден за на 12 јануари, против Чешка.
Последниот меч од групната фаза нашата селекција ќе го одигра против домашната Австрија, на 14 јануари.