Top Sport

Надал се врати од 1-5 во третиот сет, па го „тресна“ Медведев во Лондон

Епски меч одиграа првиот светски тенисер во моментов, Шпанецот Рафаел Надал и неговиот руски колега, Данил Медведев во рамки на второто коло од завршниот Мастерс турнир во Лондон. Надал по голема борба, многу неизвеснот и речиси три часа игра го совлада Медведев со 2-1, или по сетови 6-7 6-3 и 7-6.

Во воведниот сет ниту еден од двајцата тенисери не успеа да одземе гем на сервис на противникот, па сетот беше решен во тај-брејк. Поуспешен беше Медведев, кој со 7-3 во тај-брејкот му зададе удар на Надал.

Иако многумина во „О2“ арената во Лондон се сомневаа пред се во физичките способности во овој момент на Надал, сепак тој одигра одличен втор сет, и со два брејка стигна до убедливи 6-3 и израмнување на резултатот на 1-1.

Во третиот финален сет се одвиваше вистинска драма.

Медведев по брејковите во првиот, односно во третиот гем стигна до високи 4-0 и беше на прагот до сензација. Русинот во сетот имаше и водство од 5-1, но тука шпанскиот тениски ас не застана.

На неверојатен начин стигна до 5-5, подоцна и до 6-6, па мораше мечот да се решава во тај брејк.

Тука Надал беше немилосрден, славејќи со 7-4 за прва победа во Лондон по воведниот пораз од Александер Зверев.

Во наредното трето коло, последно од групната фаза, Надал ќе игра против Стефанос Циципас (овој веќе има победа против Медведев), а Медведев ќе се соочи со Александар Зверев.

Scroll to Top