Top Sport

Нејмар: ПСЖ е виновен за мојата лоша игра!

Фудбалерот на француски ПСЖ, Бразилецот Нејмар го критикуваше својот клуб поради начинот на кој е воден процесот на неговата рехабилитација по повредата. Бразилецот верува дека требало да го пуштат уште порано да се врати на теренот, за физички да се подготви за натпреварите од Лигата на шампионите.

Оваа изјава на Нејмар доаѓа по синоќешниот пораз на „светците“ кај Борусија во Дортмунд, на првиот осминафинален дуел во кој токму Бразилецот го постигна единствениот гол за својата екипа.

„Не замислував вакво враќање на теренот. Не играв на последните 4 меча, а тоа беше одлука на клупскиот доктор. Иако не ми се допаѓаше, морав да го прифатам тоа. Клубот го има последниот збор. Имав повреда, напукнато ребро, но тоа не можеше да ме спречи да играм уште на мечот со Лион. Сепак, клубот го одложи моето враќање“ рече Нејмар.

Клубот се реши на ваков чекор затоа што фудбалерот се повредуваше на средина од сезоната во изминатите две години.

„Го разбирам стравот на клубот, затоа што се повредував во претходните две сезони. Го почитувам тоа, но да се вратев порано, ќе бев во старата форма и сигурно ќе одиграв подобар меч против Дортмунд“ – рече Бразилецот.

Scroll to Top