Црногорскиот кошаркар со шпански пасош, Никола Миротиќ е најкорисниот кошаркар во шпанското првенство за сезоната 2019/2020. Така одлучија играчите, тренерите, навивачите и претставници на медиумите.
29-годишниот центар имаше одлична сезона зад себе во дресот на Барселона во АЦБ лигата. Просечно постигнуваше по 19.5 поени, надополнети со 5.7 скока на 24 меча во шампионатот.
Посебно се издвојува неговиот учинок на мечот против Обрадорија на кој за 27 минути на паркетот постигна 27 поени со индекс на корисност – 39.
На 23 меча не постигна помалку од 11 поени.
Ова за него е втор МВП трофеј, во сезоната 2012/2013 беше најкорисен играч, ама тогаш во дресот на Реал Мадрид.