Старо-новиот шампион на Италија, Јувентус, најде замена за Џанлуиџи Буфон, кој по завршувањето на сезоната ќе стави крај на блескавата кариера.
По заминувањето на Буфон, улогата на прв голман ќе му припадне на Војчех Шчешни, а раководството на „старат дама“, на полскиот репрезентативец ќе му донесе исклучително квалитетен конкурент.
Јувентус се наоѓа пред потпис на договор со еден од најталентираните италијански голман Матија Перин, кој е соиграч на Горан Пандев во Џенова.
Честите повреди го спречија повремениот италијански репрезентативец да блесне во вистинско светло. Она што е предност за Перин се неговите години, а ги има 25, што значи дека се уште може да ги покаже своите вистински квалитети.
Перин ја прифатил понудата на Јувентус, да потпише петгодишен договор, вреден 2,5 милиони евра по сезона.
За да биде реализиран трансферот останува уште клубите да постигнат договор. Џенова за својот голман бара 20 милиони евра, а Јувентус дава осум милиони евра помалку. Сепак според италијанските медиуми наскоро се очекува да биде „испеглана“ разликата и Јувентус да се согласи да плати околу 15 милиони евра за Перин.