Се чини дека веќе нема дилеми, Белгиецот Јан Вертонген на крајот на сезоната го напушта Тотенхем. Италијанските медиуми пишуваат дека следен клуб во неговата кариера ќе е Интер.
Вертонген во Милано би дошол без отштета, и тој ќе биде вториот играч од Тотенхем по зимското засилување на „нероазурите“, Кристијан Ериксен.
Се чини дека Интер дефинитивно го отпиша ветеранот Диего Годин кој на „Меаца“ е неполна сезона. Тој летоска дојде во Интер од редовите на Атлетико Мадрид, како слободен играч.
Уругваецот има плата од 5 милиони евра по сезона, „нероазурите“ сакаат да го намалат трошокот, а се појави информација дека е можна и размена, па тој да заврши кај Мурињо, кај Спарси.
Директорот на Интер, Марота се покажа како „мајстор“ за убедување на играчи на кои им истекува договорот, каков што е случајот со Белгиецот.
Претходно успешно во Јувентус ги доведе Пирло, Погба, Кедира, Коман, Љоренте, Евра, Алвес, а во Интер успех имаше со Годин, Јанг и Ериксен.
Доколку не успее планот на Марота со Вертонген, Интер има план Б. Се работи за албанскиот стопер, Мараш Кумбула кој Верона го проценува околу 30 милиони евра.