Играше за Вардар, беше омилен кај „Комитите“, па реши да одите во Тетово, во редовите на лутиот ривал, Шкендија. Сепак авантурата на Бразилецот Хуан Фелипе во градот под Шар Планина траеше само 3 месеци.
Актуелниот македонски фудбалски шампион на клупската веб-страница објави дека ја прекинале соработката со 31-годишниот Бразилец и тоа во меѓусебен договор.
„Шкендија и бразилскиот фудбалер дојдоа до решение за спогодбен раскин на договорот. Челниците на клубот и фудбалерот на состанокот одржан неодамна дојдоа до заклучок дека во овој момент најдобро за двете страни е договорот да биде раскинат порано од предвиденото. Шкендија му се заблагодарува на Хуан Фелипе за неговиот придонес во црвениот дрес за време на периодот додека беше со нас. Му посакуваме среќа во иднина“ – се вели во соопштението на Шкендија.
Бразилецот Фелипе беше најдобриот играч на Вардар при освојувањето на двете шампионски титули во сезоните 2015/16 и 2016/17, а несомнен беше и неговиот голем придонес во обезбедениот историски пласман во групната фаза од Лига Европа.
Тетовската екипа со Фелипе сакаше да ја пополну празнината по заминувањето на капитенот на тетовци, Ферхан Хасани, но тој не ги повтори игрите по кои стана препознатлив во дресот на Вардар.
Засега не е познато која е неговата следна дестинација во кариерата.