Top Sport

Продолжен договорот на селекторот Игор Ангеловски до крај на 2020 година

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски ги договорија условите за продолжување на договорот на селекторот до декември 2020. година.

Актуелниот договор на Ангеловски беше до ноември годинава.

Македонската фудбалска репрезентацијата ќе игра полуфинале во Лига на нации во март идната година за пласман на ЕУРО 2020.

„Со постигнатите резултати во изминатиот период Игор Ангеловски апсолутно ја оправда нашата доверба и го потврди вистинскиот избор на Управниот одбор на федерацијата. Постигнатиот договор за продолжување на соработката сведочи дека имаме заеднички интерес, а тоа е успех на македонската репрезентација. Ние како раководство на федерацијата, на Игор и на сите во репрезентативниот тим ќе им осигураме максимални услови за работа и подготовка, сѐ со цел да се остварат резултатите кои ги посакуваме“ – изјави Сејдини.

Селекторот Ангеловски на чело на репрезентација е од октомври 2015 година.

„Благодарност до претседателот Сејдини и до Управниот одбор за довербата. На сите можам да им ветам дека и во иднина ќе го давам својот максимум со цел репрезентацијата да напредува, како што доликува на квалитетот на фудбалерите кои ги имаме во своите редови. За мене репрезентацијата е многу повеќе од селекторско место. Нема ништо посвето од тоа да го водиш националниот тим, а уште повеќе кога работиш со вакви фудбалери и соработници. Задоволен сум од она што го постигнавме во изминатиот период, но секогаш се стремиме кон подобро“ – рече Ангеловски.
Фото:ФФМ

Scroll to Top