Top Sport

Радичевиќ: Ќе има многу емоции, сакам полни трибини

Ракометарките на Вардар, в сабота, ќе го одиграат четврт-финалниот реванш во Лигата на шампионките, против Митјиланд. Во реваншот ракометарките на Вардар треба да го потврдат своето учество на завршиниот турнир во Будимпешта, онаму каде што беа и во претходните четири години.

Вардарки минатата недела, во Данска, вложија многу труд за да стекнат предност над Митјиланд. Вардарки, натпреварот го решија во последната четвртина, кога ја стигнаа предноста на Митјиланд и на крајот славеа минимално 24:23.

Саботниот натпревар, исто така, ќе биде последен што овој тим ќе го одигра пред домашната публика во „Јане Сандански“. Како што е познато интернационалките, поради намалениот буџет за наредната сезона, ќе го напуштат клубот.

„Дојде и тој момент да го одиграме последниот меч за Вардар во СЦ „Јане Сандански” во овој состав. Верувам дека публиката ќе ги исполни трибините и дека ќе имаме голема поддршка на оваа средба. Сакаме на Ф4 турнирот за да го направиме оној чекор напред. Сакаме со победа да се збогуваме со натпреварите во Лигата на шампионите. Со оглед на тоа што Вардар има победа против Митјиланд сите очекуваат и на овој дуел да има победа за Вардар, а особено поради тоа што ова е последен меч во ваков состав во Скопје. Свесни сме и за тоа дека нема да биде воопшто лесно. Веруваме дека ќе можеме со победа да се најдеме на фајнл-фор турнирот. Сигурно ќе има многу емоции, но мораме да го дадеме максимумот за да дојдеме до посакуваното учество во Будимпешта. Сепак, би сакала да играме на овој дуел пред полни трибини и да уживаме”, рече капитенот на вардарки, Јованка Радичевиќ.

Натпреварот в сабота ќе започне во 17 часот.

Scroll to Top