Во денешното 12. коло од ракометната Бундеслига се одигра големото дерби меѓу Рајн Некар и Кил. Победија домаќините, со пресврт, со 26:25 и со тоа им го нанесоа вториот пораз на ракометарите на Кил.
Се одигра возбудлив натпревар во „Сап Арената“. Првото полувреме доминантно им припадна на „зебрите“. Водеа со +7, во еден период од првиот дел беше 6-13 за гостинската екипа. Домашните ракометари успеаја делумно да се вратат во мечот, па на пауза се замина со резултат 10-13.
Во вториот дел Рајн Некар ја заигра својата препознатлива игра, со што израмни на 15-15. Потоа следуваше нивно водство, највисоко 18-15.
Кил се врати во мечот, ја преброди кризата и во последната минута се влезе во егал 25-25.
Левото крило на Рајн Некар, Уве Генсхајмер погоди од пенал за 26:25, а во следниот напад голманот Апелгрен го одбрани својот гол за победа на домаќините.
Во победничката екипа најпрецизен беше Уве Генсхајмер со 8 гола, додека пикерот Пекелер даде 5 гола.
Кај Кил, Дувњак постигна 7 гола, а втор стрелец беше Екберг со 4 гола.