Германците пресекоа, ставија точка на ракометната Бундеслига сезона 2019/2020 и го прогласија тимот на Кил за национален шампион.
Кил, на 7 кола пред крајот, со одигран меч помалку од второпласираниот тим на Фленсбург, по 5 години чекање го враќа пехарот во своја сопственост, по 21-ви пат во историјата.
Играчите на Кил не сакаа да дојдат до титулата на ваков начин, но сепак, сезонава Кил беше најдобрата екипа во Бундеслигата.
„Секако дека би сакале да можеше да се заврши сезоната и се направивме по тоа прашање, но оваа пандемија на коронавирусот едноставно не ни дозволи, па не можевме повеќе да чекаме. Играчите би имале премалку време да се вратат во форма и ризикот од повреди би бил преголем“ – рече претседателот на Бундеслигата, Уве Швенкер.
Заедно со Кил, место во ракометната Лига на шампиони има и за Фленсбург, а пласман во Европа ќе има и за Магдебург, Хановер и Рајн Некар.
Ниту една екипа нема да го напушти елитното друштво, а од следната сезона ќе има два нови прволигаши, Кобург и Есен, па во лигата ќе се натпреваруваат 20 клуба.