Реал Мадрид задутре во 9. коло од Ла лига гостува кај Мајорка, а тренерот на „кралевите“ Зинедин Зидан ќе биде без речиси половина екипа.
Шпанските медиуми јавуваат дека Герет Бејл и Лука Модриќ сигурно нема да играат, двајцата заработија повреда на мечот од квалификациите за ЕУРО 2020 меѓу Велс и Хрватска (1-1).
Освен нив, во комбинација за настап не се ниту Лукас Ваксез, Тони Крос и Начо, а под голем знак прашалник е и настапот на Тибо Куртоа и Рафаел Варан.
Од порано повредени се Марко Асенсио, Марсело и Ферланд Менди.
Продолжуваат маките на Зидан со повредите на неговите играчи со оглед на фактот дека уште од првиот ден на подготовките за новата сезона тимот е некомплетен.
Реал Мадрид и понатаму е единствената непоразена екипа во Шпанија и е лидер на табелата во Ла лига со два бода повеќе од Барселона.
Веќе наредниот вторник Реал гостува во Истанбул, кај Галатасарај во меч од ЛШ, а на 26 овој месец е „Ел Класико“ на „Ноу Камп“.