Некогашниот капитен на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни смета дека екипата на Оле Гунар Солскјер нема да се бори за титулата во Премиерлигата ниту идната сезона.
Англискиот напаѓач кој е член на ДЦ Јунајтед, во американската МЛС лига ја повикува Управата на „ѓаволите“ да му даде повеќе време на Норвежанецот за да направи шампионска екипа.
„Прво што треба Оле да направи е да изгради тим кој во наредните сезони ќе се бори за титулата во Англија и во Лигата на шампионите. Не мислам дека доведувањето на еден, двајца играчи за 100 милиони фунти дека нешто ќе помогне. Нему му треба време да изгради екипа на темелите на младите играчи. Подобро да потроши 30, 40 милиони на фудбалери кои имаат потенцијал, околу кои подоцна може да се гради тимот. Можете да ги донесете Роналдо, Меси, Рамос или Бејл, но ќе ве чинат 350 милиони, но ќе ги имате само на две години“ вели Руни.
Напаѓачот смета дека навивачите мора да се трпеливи, да разберат дека Јунајтед нема да се борат за титулата ниту идната сезона.
Руни смета дека на Солскјер му требаат 2-3 години да изгради екипа која ќе им конкурира на Ливерпул и на Сити.