Кошаркарот на Химки, Алексеј Швед, ја доби наградата „Алфонсо Форд“ за најдобар стрелец во Евролигата оваа сезона.
Рускиот репрезентативец, регуларниот дел од сезоната го заврши со просечни 21,76 поени по натпревар.
Швед, сезонава собори неколку евролигашки рекорди. Тој вкупно постигна 740 поени со кои го надмина минатосезонскиот рекорд на Кит Ленгфорд.
Плејмејкерот на Химки е рекордер со 107 постигнати тројки, а исто така е единствениот играч во 21.век, кој постигнал 16 и повеќе поени на 29 натпревари по ред.
Трофејот „Алфонсо Форд“ досега го освојувале Игор Ракочевиќ (2007, 2009, 2011), Кит Ленгфорд (2014, 2017), Чарлс Смит (2005), Дру Николас (2006), Марк Сејлерс (2008), Линас Клеиза (2010), Бо Мекејлеб (2012), Боби Браун (2013), Тејлор Рочести (2015) и Нандо Де Коло (2016).
Трофејот го носи името по поранешниот играч на Олимпијакос, Алфонсо Форд, кој беше најдобар стрелец во 2001 и 2002 година, а почина од леукемија во 2004 година.