Најуспешната хрватска скијачка, Јаница Костелиќ (37) доби најубав новогодишен подарок. Таа утринава во Загреб на свет го донесе синот кој ќе се вика Оскар и кој е тежок 2,75 килограми.
Според хрватските медиуми, и мајката и бебето се добро. Ова е прва рожба во семејството на славната скијачка.
„Мојот син ќе се вика Оскар. Сигурно дека ќе го поттикнувам да се занимава со скијање. Со што и да се занимава, битно е да ужива во тоа, да биде среќен и задоволен“ изјави Јаница Костелиќ во октомври лани, кога откри дека е во блажена состојба и дека носи машко бебе во себе.
Јаница во 2007 година објави повлекување од скијањето, а во пребогатата кариера освои 4 златни и 2 сребрени олимпијски медали, надополнето со 5 титули светски првак.