Top Sport

Скола не мисли на пензија, по 12 години се враќа во Европа?

Легендарниот аргентински кошаркар, Луис Скола не само што не размислува за пензија иако е на прагот од 40-тата година од животот, туку тој следната сезона би можело повторно да се врати во Европа.

Шпанскиот новинар, Карлос Санчез Блас пренесува информација дека Аргентинецот кој беше еден од петте најдобри кошаркари на Мундобаскетот во Кина сака да го засили мадридски Реал, каде веќе се неговите сонародници Факундо Кампацо, Габриел Бек и Николас Лапровитола.

Пред 5 години, „Кралевите“ не успеаја Скола да го доведат во Мадрид, но одличниот центар и понатаму е на радарот на шпанскиот клуб.

Аргентинецот на маса има и финансиски поповолни понуди од Кина, каде настапува од 2017 година, но понуди стигнаа и од Аргентина.

Се чини дека Скола посакува потполно подготвен да ги дочека Олимписките игри во 2020 година во Токио. Доказ за тоа е фактот што за Мундобаскетот се подготвувал цели 2 месеци.

Тој моментно со семејството е во Кина и наскоро се очекува одлука за продолжението на кариерата.

Луис Скола кој со „гаучосите“ во неделата го освои среброто на СП во Кина, кариерата ја започна во Деро Карил Остеу, па подоцна играше за Таукерамика (денешна Басконија), Хјустон Рокетс, Феникс Санс, Индијана Пејсерс, Торонто Репторс, Бруклин, Шанкси и Шангај Шаркс.

Scroll to Top