Ракометарите на европскиот шампион Вардар задутре му гостуваат на португалски Порто во 13-тото коло од групите во ракометната Лига на шампиони.
Тренерот на вардарци, Стевче Алушовски посакува бодови за зацврстување на 5-тото место на табелата. Тој гледа и шанса за прогрес на табелата, секако доколку и другите резултати на натпреварите од групата им одат во прилог на „црвено-црните“.
„Порто е фаворит, а ние одиме без притисок со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме доволно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање, напротив, ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот“ изјави стратегот Алушовски за веб-страницата на РК Вардар.
На првиот меѓусебен меч во Скопје, лани во септември, Вардар триумфираше со 32:27. За разлика од тој дуел, Вардар на гостувањето ќе биде без Дисингер (повреден), како и без Павел Атман кој замина во Спартак Москва и без Даинис Криштопанс кој е нов играч на Фуксе Берлин.
Вардарци денеска отпатуваа за Португалија, а мечот е в сабота, од 16 часот.
Фото: РК Вардар