Претпоследниот натпревар од групната фаза на Европското ракометно првенство донесе сензација.
Селекцијата на Унгарија со неверојатно второ полувреме, со епски пресврт ја совлада репрезентацијата на Исланд 24-18 и со тоа го елиминираше светскиот и олимписки шампион во моментов, Данска.
Мечот во Малме имаше невообичаен тек. Унгарија водеше со 3-0 на стартот, па следуваше долга серија на Исланд за 6-6.
„Рибарите“ во првиот дел предводени од искусните Палмарсон и Сигурдсон поведоа во еден момент и со 5 разлика, но сепак Унгарците намалија дел од негативата и на полувреме се отиде со резултат 12-9 за Исланд.
Во вториот дел комплетен резултатски пресврт, иако првите десет минути од вториот дел водството се уште беше на страната на Исланд. Мечот беше егал се до резултат 17-17.
Тогаш унгарскиот голман Миклер ја „спушти ролетната“, а Унгарија почна да го полни исландскиот гол. Од тие 17-17, Исланд до крајот погоди само еднаш, а Унгарија дури седумпати за конечни 18-24.
Унгарија како лидер во групата пренесува два бода во следна фаза, Исланд е во новоформираната група без бодови, а нема надеж за следна фаза за Данска на која и преостанува вечерашниот дуел со Русија за достојно простување од првенството.
Најпрецизен во победничката селекција беше пивотот Банхиди со 8 гола, а со по 4 гола мечот го завршија Сцита и Бока.
Кај Исланд најпрецизни беа Палмарсон и Сигурдсон со по 4 погодоци.
Watch the Game Highlights from Iceland vs. Hungary, 01/15/2020 pic.twitter.com/PjLQqhLcdf
— EHF EURO (@EHFEURO) January 15, 2020