Top Sport

Вардар „пресуши“ во Белорусија, катастрофа во второто полувреме

Нова разочарувачка партија одигра европскиот ракометен шампион Вардар на гостувањето во Белорусија, кај екипата на Мешков Брест во рамки на групната фаза од Лигата на шампиони.

Пораз од 31-22 за Вардар со страшен пад во второто полувреме откако првите 30 минути му припаднаа на македонскиот шампион со 13-12.

Голманите (Гедбан и Кизиќ, Кугис воопшто не влезе во игра) во второто полувреме немаа ниту една голманска интервенција. Да биде малерот уште поголе, во 45 минута повредата ја обнови Даинис Криштопанс.

Во првото полувреме играта беше израмнета, двата тима се менуваа во водството. Капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов одличен на линијата, со 5 погодоци. На пауза се отиде со гол предност за „црвено-црните“.

Уште на почетокот на вториот дел Мешков го презема водството, 15-13, подоцна и 19-16, а повредата на Кристопанс како дополнително да ги демотивираше играчите на Вардар.

И покрај евидентниот пад во играта, Вардар на неколкупати се врати на -1, се до 23-22. Оттогаш па до крајот Мешков постигна 9 гола, Вардар ниту еден, промашувајќи и чисти зицер позиции.

Ова беше четврти пораз за Вардарци сезонава, претходно скалпот на европскиот првак го земаа Кил, Веспрем и Киелце.
Стоилов постигна 6 гола, а Дибиров 5 и Атман по 4 во поразената екипа.

Кај победникот Ваилипау постигна 12 гола. Го следеше Шкурински со 9, а одлична поддршка имаа од хрватскиот голман Иван Пешиќ.

На 1 декември Вардар во Скопје го пречекува Веспрем.

Scroll to Top