Финалистот од последниот Ф4 во ракометната Лига на шампиони, унгарски Веспрем денеска беше непријатно изненаден во својата сала од германски Кил, 31-37 во второто коло од најквалитетното ракометно натпреварување на Стариот континент.

Во сивилото на домашната екипа се вклопи и нашиот ракометен репрезентативец, Дејан Манасков.
„Зебрите“ одиграа маестрален меч, а најзаслужен за ваквиот развој на настаните е данскиот чувар на мрежата на Кил, Никлас Ландин.

Германската екипа благодарение на интервенциите на голманот водеше по првите 30 минути со резултат 16-13.
И во вториот дел екипата предводена од Давид Дејвис не успеваше да се врати во ритам благодарение и н арасположените Рајнкинд и Пекелер кои го полнеа голот на Веспрем.

Рајнкинд мечот го заврши со 8 гола, Пекелер и Билик дадоа по 7 за Кил.

Манасков не постигна ниту еден погодок, а најефикасни во првиот пораз сезонава кај унгарскиот тим беше Јахиа и Вилсон со по 5 погодоци.

Во истата група во која утре Вардар на домашен терен ќе игра против Порто, во Брест тимот на Мешков загуби од француски Монпелје со 25-27.

Ричардсон постигна 6, а Валентин Порт 5 гола за гостите.