Top Sport

Алкараз и Швјонтек се пласираа во полуфиналето на Индијан Велс

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го победи Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим со 2:0 во сетови (6:4, 6:4) и се пласираше во полуфиналето на Мастерсот во Индијан Велс. Мечот траеше точно два часа.

Противник на Алкараз во полуфиналето ќе биде Италијанецот Јаник Синер, кој го елиминира домашниот тенисер Тејлор Фриц со 2:1 во сетови (6:4, 4:6, 6:4).

Најдобрата светска тенисерка, Ига Швјонтек од Полска, исто така лесно се пласираше во полуфиналето на турнирот во Индијан Велс. Таа беше подобра од Романката Сорана Кирстеа со 2:0 во сетови (6:3, 6:2). Натпреварот траеше еден час и 23 минути.

Швjонтек направи брејк веќе на стартот од мечот поведувајќи со 2:0, но Романката веднаш возврати. Сепак, до крајот на сетот, најдобрата тенисерка на планетата уште двапати и го одзема сервисот на ривалката.

Швjонтек продолжи фуриозно и ги освои првите четири гема во вториот сет и рутински го освои.

Противничка на Швјонтек во полуфиналето ќе и биде Елена Рибакина, која по „маратон“ кој траеше два часа и 48 минути ја совлада чешката тенисерка Каролина Мухова со 2:1 во сетови (7:6, 2:6, 6:4).

Scroll to Top