Германската тениска легенда, Борис Бекер е префрлен во затвор за странци, што е сигнал дека ќе биде депортиран од Обединетото Кралство по отслужување на затворската казна, тврдат британските медиуми.
Бекер доби затворска казна од две и пол години во април откако беше прогласен за виновен за прикривање на 2.5 милиони фунти за да избегнеда плати долг откако прогласи банкрот. Германецот првично беше испратен во затвор од „категорија Б“ во Вендсворт, но според „Тајмс“, сега ќе биде префрлен во „затвор од категорија Ц“ во Хантеркомб. Ова значи дека иако се работи за затвор со помало обезбедување, во Хантеркомб од 2021 се затвораат само странски државјани.
54-годишниот Бекер живее во Британија од 2012 година, но според „Тајмс“, никогаш не добил британско државјанство, поради што е „квалификуван“ за автоматско депортирање бидејќи добил казна подолга од 12 месеци.