Top Sport

Циципас го освои Есторил, Гарин го грабна „БМВ-то“ во Минхен

Чилеанецот Кристијан Гарин ја продолжи сезоната од соништата, победувајќи го уморниот Италијанец, Матео Беретини со 6:1/3:6/7:6(1) за титулата на БМВ опен во Минхен, заминувајќи си од Германија со втората титула од сезоната и со нов автомобил.

22-годишниот Гарин сега има 22 победи на земјена подлога во 2019 година, со што е израмнет со Аргентинецот Гвидо Пелја, откако оваа сезона го освои трофејот во Хјустон, а стигна до финалето во Сао Пауло, каде што загуби од Пелја.

Гарин во четврт-финалето спаси две меч-топки против Александер Зверев за победа, додека патот на Беретини беше тежок во неделата, откако тој го победи Роберто Баутиста Агут во одложеното полуфинале во текот на утрото. Беретини мината недела победи во Будимпешта и имаше низа од 9 победи.

 

Одлична сезона има и Гркот Стефанос Циципас, кој стигна до својот трет трофеј во кариерата, победувајќи го уругвајскиот ветеран Пабло Куевас со 6:3/7:6 во финалето на Есторил опен во Португалија.

Циципас оваа сезона има 23 победи, со што е на второто место на АТП турнејата само зад Русинот Данил Медведев кој има 25 победи и влегува на Ролан Гарос во одлична форма. Тој претходно во полуфиналето со тешки 3:6/6:4/6:4 го победи првиот фаворит на турнирот, Белгиецот Давид Гофан.

Scroll to Top