Top Sport

Циципас и Рубљев се вратија од 0-2 во Париз

Светскиот рекет број 6, Стефанос Циципас успеа да се врати од два сета негатива за да го совлада Шпанецот Хауме Мунар со 4:6/2:6/6:1/6:4/6:4 за да го помине првото коло на Ролан Гарос.

Грчкиот тенисер, кој во неделата загуби во финалето во Хамбург, изгледаше на добар пат да го освои првиот сет откако поведе со 3:1, но потоа ја загуби концентрацијата и Шпанецот успеа да ги искористи бројните неизнудени грешки на противникот. Но, од третиот сет, Циципас успеа да најде рецепт за играта на Мунар, играјќи на неговиот бекхенд и обезбеди дуел со уругвајскиот ветеран Пабло Куевас во второто коло.

„Мислам дека не сум одиграл ваков меч досега. Ништо не функционираше додека не ја сменив играта. Горд сум на тоа како одговорив на предизвикот“, вели Циципас.

И Русинот Андреј Рубљев успеа да се врати од два сета негатива првпат во својата кариера, победувајќи го американскиот ветеран Сем Квереј со 6:7(5)/6:7(4)/7:5/6:4/6:3 по три часа и 17 минути.

Русинот, кој го победи Циципас во финалето во Хамбург во неделата, спаси сет-топка на 3:5 и 5:6 во првиот сет, но тоа не беше доволно за да го освои. Квереј потоа имаше 5:2 водство во третиот сет, но победата му избега откако Рубљев освои пет гема во низа.

Scroll to Top