Top Sport

Да се знае кој е „кралот на земја“ – Надал го „суреди“ Ѓоковиќ во Рим

Во својата неверојатна рекордна 54-та меѓусебна пресметка, Рафаел Надал го победи Новак Ѓоковиќ со 6:0/4:6/6:1 за по деветти пат да ја освои титулата од Италијанскиот Мастерс во Рим и да покаже дека повторно е фаворит пред својот омилен Ролан Гарос.

Надал пристигна во италијанската престолнина без трофеј на земја оваа сезона, нешто што не се случило од почетоците на неговата кариера, но на „Форо Италико“ играше фантастично – во два меча кои ги играше еден ден на противниците им дозволи само два гема.

Против себе го имаше Новак Ѓоковиќ, шампионот од Мадрид минатата недела, но почетокот беше зачудувачки. Првпат во нивните 54 дуели, еден тенисер успеа да освои сет со 6:0, по фуриозната игра на Надал. Во вториот сет, Ѓоковиќ се созеде, и по израмнетата игра во финишот направи брејк за да израмни на 1:1, пред во третиот сет, Шпанецот да биде едноставно незапирлив во своето 50. Мастерс 1000 финале.

Надал сега се доближи во пресметките со светскиот број 1 – има 26 победи во споредба на 28-те на Србинот, но Шпанецот има доминантни 17-7 на земјена подлога. Ова беше слатка одмазда за Надал, кој во нивниот последен дуел загуби од Ѓоковиќ во финалето на Австралија опен, за Србинот да ја освои својата 15. гренд слем титула.

 

Scroll to Top