Австриецот Доминик Тим повторно ќе се спротистави на „кралот на земја“ Рафаел Надал во финалето на Ролан Гарос, откако по многу одложувања и нервози со 6:2/3:6/7:5/5:7/7:5 го совлада светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ.
Мечот кој требаше да биде комплетиран во четвртокот, вчера беше одложен при 1:1 во сетови поради дожд, а Тим беше блиску до победа, кога при 4:1 водство во третиот сет денеска, повторно дождот предизвика прекин. Кога последен пат се вратија на црвената земја, Ѓоковиќ врати со брејк и израмни на 4:4, но Тим успеа да остане концентриран и да ја запечати победата.
25-годишниот Австриец лани стигна до првото гренд слем финале, токму во Франција, но налета на 11-кратниот шампион Надал, кој повторно ќе биде фаворит во недела (ако организаторите не го преселат финалето за понеделник).
За Ѓоковиќ пак, ова е незгоден удар – тој се обидуваше по вторпат во кариерата да биде носител на сите гренд слем титули, откако светскиот рекет број 1 веќе е актуелен шампион од Вимблдон, САД опен и Австралија опен. Србинот во текот на целото полуфинале беше нервозен, расправајќи се со судијата на столче, прво во петокот поради тоа што тој дозволи да се игра на тешки услови, а потоа повторно денеска кога му порача дека „си направил име за себе“ со расправиите со Србинот.
Дождот го спаси исфрустрираниот Ѓоковиќ, барем засега… (видео)