Енди Мареј ја освои својата прва АТП титула по операцијата на колкот по која стравуваше дека завршил со тенисот, откако импресивно успеа да се врати од сет негатива за 3:6/6:4/6:4 победа над стариот ривал, трикратниот гренд слем шампион Стен Вавринка во финалето на Европскиот опен во Антверпен, Белгија.
32-годишниот Шкотланѓанец, кој е поранешен светски рекет број 1 и гренд слем шампион, имаше мизерни две сезони и беше без титула од 2017 година, а на почетокот на годината изјави дека најверојатно го одиграл последниот гренд слем. Меѓутоа, по успешната операција на колкот, тој полека се врати во текот на летото со мечеви во двојки, пред да игра и на сингл турнирите.
Во Москва пак, Русинот Андреј Рубљев го прослави својот 22. роденден со стил, освојувајќи ја втората титула во кариерата на Кремљ купот. Шестиот носител во еднострано финале со 6:4/6:0 го „збриша“ Французинот Адријан Манарино.
Светскиот рекет бро 31 претходно триумфираше на Хрватска опен во Умаг во 2017 година, а пред оваа недела, тој немаше ниту една победа на својот домашен турнир.