Српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ смета дека светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ не смее единствен да ја понесе вината за низата позитивни случаи на корона вирус на „Адрија турнејата“, бидејќи српските власти не му ги кажале вистинските податоци и услови во земјата.
„Адрија турнејата“ беше идеја на Ѓоковиќ да го зближи регионот со турнири во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, но беше прекинат по вториот турнир во Задар, откако Григор Димитров беше позитивен на КОВИД-19. По ова следуваше и позитивниот тест на Ѓоковиќ и неговата сопруга, неговиот тренер Горан Иванишевиќ, како и на тенисерите Виктор Троицки и Борна Чориќ. По ова следуваа бура реакции поради „неодговорноста“ на Ѓоковиќ, но Радовановиќ вели дека одговорноста е кај власта, а не кај светскиот број 1.
„Тоа се случи бидејќи Новак беше навлечен на тенок мраз. Не беше безбедно во Белград. Епидемиолошката ситуација беше многу полоша од таа која му беше покажана и затоа тој се реши да го организира тоа. Тој е виновен за тоа што веруваше на државата и на системот и не можеше да замисли дека ќе го лажат. Експертите и властите му дадоа такви податоци и го излажаа. Сакаа да извлечат политички поени и не размислуваа за безбедноста на јавноста“, вели Радовановиќ.