Шампионот во двојки од САД опен и Вимблдон, Колумбиецот Роберт Фара нема да биде суспендиран и покрај тоа што имаше позитивен тест на стероиди, објави Интернационалната тениска федерација (ИТФ).
33-годишниот Фара минатиот месец доби условна суспензија по позитивниот тест на стероидот болденон, но тврдеше дека се работи за „искрена грешка“ – тој јадел контаминирано место со стероидот во својата татковина.
ИТФ прифати дека Фара не сноси „вина за небрежност за прекршокот кој го направил“ и затоа ќе му биде дозволено да продолжи да се натпреварува.
Ова не е првпат контаминирано месо да се посочува како виновник за позитивен тест – велосипедистот Алберто Контадор во 2010 тврдеше дека позитивниот тест на стероидот кленбутерол е поради јадење на контаминирано месо. По жалбите, тој доби суспензија и му беа одземени титулите од Тур де Франс 2010 и Џиро Д’Италија 2011.