Top Sport

Федерер: Имам 37 години, рејтингот не ми е важен, сакам титули

Роџер Федерер признава дека веќе не го брка првото место на АТП листата и повеќе би сакал да се бори за гренд слем титули отколку да има битка со Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал за врвот.

На презентацијата на новото издание на „Лејвер купот“, тенискиот турнир кој оваа година ќе се оддржи во Женева, 20-кратниот гренд слем шампион признава дека крајот на кариерата е блиску откако лани неколку недели беше на првото место на АТП листата по освојувањето на шестата титула од Австралија опен на 36 години.

„За мене, рејтингот на 37 години, навистина веќе не е приоритет.Мислата е да се биде здрав и да се освојуваат турнири, да знам како да ги победам Ѓоковиќ и Надал и тоа е вистинско задоволство. Проблем е кога ќе мислиш дека немаш шанси. Дури и да ми падне рејтингот, не е важно. Додека можам да се борам за гренд слем титули работите се добри. Повеќе сакам да сум на 17. место отколку на третото и да не освојам ниту еден турнир“, вели Федерер.

Лејвер купот оваа година ќе се оддржи во Женева од 20 до 22 септември и Федерер се надева дека сонародникот Стен Вавринка ќе му се приклучи на Ѓоковиќ и Надал во европскиот тим, чиј капитен е Бјорн Борг. Надал веќе го потврди учеството, додека Ѓоковиќ уште не. Ова ќе биде трето издание на турнирот кој го носи името на австралиската тениска легенда по турнирите во Чикаго и Прага.

„Уште во Мелбурн бев возбуден што ќе играм со Рафа во ист тим. Уште не ги знаеме противниците, но со Рафа дома во Швајцарија, не може да биде подобро“, додава Федерер.

Scroll to Top