И покрај тоа што до крајот на 2020 се закажани уште два гренд слем турнири (САД опен и Ролан Гарос), Роџер Федерер не очекува брзо враќање на професионалниот тенис и предупредува дека ќе биде речиси невозможно да се игра без публика.
Тениската пауза почна во март, додека Федерер беше во аут поради операцијата на коленото, и последните вести се дека во јули нема да има тенис.
„Во моментов не тренирам, бидејќи не гледам причина, да бидам искрен. Задоволен сум од формата, а мислам дека ќе почекаме да се вратиме на тенисот. Во моментов е важно да уживаме во паузата поради тенисот по напорните календари, а кога ќе дојде време за враќање, ќе бидам мотивиран“, вели 38-годишниот Федерер во разговор со трикратниот гренд слем шампион Густаво Кертен.
Федерер секогаш зад себе имал армија на навивачи и вели дека не се радува на тенис без гледачи.
„Секако, возможно е да се игра и без навивачи, но се надевам дека нема да биде така. Барем да имаме половина полн стадион, бидејќи ќе биде тешко да се игра пред празни трибини“, вели Федерер.