Роџер Федерер во текот на својата кариера призна дека Рафаел Надал му е вистински ривал, но не го направи истото со Новак Ѓоковиќ, вели новинарот Кристофер Клари, кој неодамна објави биографија на швајцарскиот „Маестро“.
Од 2003 до 2007 година, Федерер доминираше на АТП турнејата, освојувајќи 11 од 17-те гренд слем турнири по неговата прва титула од Вимблдон во 2003 година. Во тој период се појави Рафа Надал со првата Ролан Гарос круна во 2005 година, но вистинското ривалство започна во 2008 година во славното финале на Вимблдо, кога Шпанецот првпат го победи во гренд слем финале.
Но, иако на теренот тие беа лути ривали, тие имаа и пријатни односи, вели Клари, кој неодамна ја објави книгата „Мајсторот: Брилијантната кариера на Роџер Федерер“.
„Надал и Федерер израснаа во релативно богати семејства, имаа избори во животот. Ѓоковиќ од друга страна дојде од земја погодена од војна и за разлика од нив немаше многу избор. Тој само сакаше, и му беше потребно да успее. Надал беше првиот предизвикувач на Федерер. Додека Федерер се помири со тоа ривалство, на сцената дојде Ѓоковиќ. Федерер никогаш не го прифати тоа. Надал беше одмерен во зборовите, Ѓоковиќ се шегуваше и имитираше тенисери. На Федерер не му се допадна тоа“, вели Клари.