Роџер Федерер се пласираше во третото коло на САД опен под затворен покрив во Њујорк, откако се врати по лошиот прв сет за 3:6/6:2/6:3/6:4 победа против босанскохерцеговскиот тенисер Дамир Џумхур.
Џумхур имаше фантастичен старт на мечот, поведувајќи со импресивни 4:0 со два брејка, по што Швајцарецот успеа да се врати до 2:4, но го загуби сетот. По ова „предупредување“, Швајцарецот го крена нивото на игра и не дозволи Џумхур да се врати во ритам, за релативно лесна победа. Следен за Федерер е подобриот од дуелот меѓу 25. носител, Французинот Лукас Пуј и Британецот Ден Еванс.
Дождот во Њујорк, ограничи игра само под затворен покрив, за во единствениот друг досега комплетиран меч во машка конкуренција, Јапонецот Кеи Нишикори со 6:2/4:6/6:3/7:5 да го победи Американецот Бредли Клен.
Во женска конкуренција, Чехинката Каролина Плишкова, која е трета носителка на турнирот, за нешто повеќе од еден час со 6:1/6:4 ја победи Грузијката Маријам Болквадзе.