Великанот на светскиот тенис, Роџер Федерер, рекол дека претерана била реакцијата на Серена Вилијамс против судијата Карлос Рамос, во финалето на годинешното издание на Ју-Ес опен.
Серена најпрвин беше предупредена за коучинг, а дека такво нешто имало, по мечот признал и нејзиниот тренер Патрик Муратоглу. Потоа таа доби казна поради кршење на рекетот, а на крајот судијата Рамос и одзеде цел гем бидејќи го нарекла „крадец и измамник“.
Серена Вилијам во финалето беше поразена од Наоми Осака.
Два месеци по инцидентот, што го засени првата гренд-слем титула на младата Јапонка, Осака, се огласи и Федерер. Тој смета дека инцидентот не морал да се случи.
„Сметам дека Серена требаше само да продолжи да игра. Тоа го направи после, но претходно претера со реакцијата. Требаше порано да ја прекине расправијата“, рекол Федерер.
Швајцарецот сепак смета дека некои постапки на американската тенисерка биле оправдани.
„Судијата не требаше да дозволи да дојде до тоа. За жал вербалната расправија се случи. Тоа е одличен случај за анализа“.
Серена по мечот остана на својот став и дури го обвини судијата Карлос Рамос за сексизам. Поради своето однесување таа плати парична казна од 17.000 евра.