Тајсон Фјури вели дека очекува британска пресметка со Ентони Џошуа за да се дознае „кралот“ во тешка категорија, предупредувајќи го да не загуби од следниот ривал, бугарскиот предизвикувач, Кубрат Пулев.
Преговорите за дуел на двајцата Британци почнаа од моментот кога „Џипси кинг“ му ја одзеде ВБЦ титулата од Дионтеј Вајлдер во седум рунди во Лас Вегас во февруари. Џошуа претходно ги врати ВБО, ВБА и ИБФ титулите во римеч со Енди Руиз Јуниор. Сега, Фјури треба да му даде трет меч на Вајлдер, а „Еј Џеј“ мора да се бори со предизвикувачот Пулев.
„Ако ме нокаутира Дионтеј, тогаш нема да има меч. Исто така, ако тој загуби од Пулев, тоа не може да биде направено. Во тешката категорија никогаш не можеш да предвидуваш и одиш меч по меч. Се надевам дека ќе видиме британска пресметка за апсолутната титула, тоа ќе биде најголем меч од Ленокс Луис и Френк Бруно“, вели Фјури.