Петкратниот олимписки шампион во биатлон, Мартин Фуркад утре ќе ја има својата последна трка во кариерата со настап на трката од Светскиот куп во Контиолахти, Финска, каде што ќе може да освои нов голем кристален глобус.
31-годишниот Французин преку Инстаграм објави дека е „време за збогум“ по блескавата кариера во која покрај петте олимписки злата освои 13 светски титули и седум трофеи од Светскиот куп.
Последната трка во кариерата ќе се оддржи без гледачи поради корона вирусот, но Фуркад вели дека другите работи се поважни по 20 години биатлон.
„Во ниту еден момент не сонував дека ќе остварам ниту илјадити дел од успесите. Моите најлуди соништа се надминати. Кога ја освоив титулата во штафетата во Антхолц минатата недела, и кога зборував со солзи во очите, знаев дека е време за крај“, вели Фуркад.