Top Sport

Ѓоковиќ го победи Надал, финалето Србија-Шпанија ќе се одлучува во двојки

Во првиот голем дуел на светскиот рекет број 1 и светскиот рекет број 2 оваа година, Новак Ѓоковиќ со 6:2/7:6(4) го победи Рафаел Надал за да израмни на 1:1 во финалето на првиот АТП куп во Австралија, што значи дека сега во мечот во двојки ќе се дознае шампионот.

Претходно, Роберто Баутиста Агут релативно лесно со 7:5/6:1 го совлада Душан Лајовиќ за на Шпанија, инаку актуелен шампион од Дејвис купот, да им донесе 1:0 предност.

Ѓоковиќ лесно го доби првиот сет, правејќи два брејка и користејќи ги сите грешки на Надал, но во вториот сет, Шпанецот се врати силно играјќи поен за поен за на крајот во тај-брејкот да остане со поцврсти нерви и да го добие со 7:4.

„Секогаш има неверојатни мечеви со Рафа. Првиот сет беше навистина совршен, но знаев дека тој нема да се предаде лесно“, вели Ѓоковиќ.

АТП купот, натпреварувањето кое го замени Хопман купот во мешани двојки оваа сезона, ќе го добие првиот шампион по дуелот во двојки, каде што Ѓоковиќ ќе игра со Виктор Троицки, а на Надал ќе му се приклучи Пабло Карењо-Буста.

Scroll to Top