Top Sport

Ѓоковиќ го скрши отпорот на Штруф

Новак Ѓоковиќ со триумф над Јан Ленард Штруф ја започна одбраната на титулата на првиот грен-слем во сезоната, Австралија опен. Седумкратниот шампион на овој турнир со многу осцилации во играта успеа да го победи 37 играч во светот со 3:1 (7/6, 6/2, 2/6, 6/1).

Јан Ленард Штруф е првиот тенисер уште 2006 година кој успеал да освои сет во првото коло против Ѓоковиќ. Воедно ова беше и првиот сет за него во петтиот меѓусебен дуел со Србинот.

Ѓоковиќ против Штруф ја забележа јубилејната 900 победа во АТП мечевите.

Два часа и 19 минути му беа потребни на Ѓоковиќ за да го скрши отпорот на германскиот тенисер. Нетипично за него тој многу осцилираше во играта. Започна одлично дојде до 5:2 во првиот сет, а потоа му дозволи на Штруф да избори тај-брејк. Првиот сет Ѓоковиќ го доби за 51 минута.

Следуваше сигурен сет на српскиот тенисер. Направи два брејка и го доби вториот сет за 28 минути со 6:2.

Во третиот сет со иста мерка возврати Штруф. Германецот од резултатот 2:2 освои четири гема и за 38 минути го намали резултатот во сетови на 2:1.

Од тој момент Ѓоковиќ го подигна нивото на играта, наметна ритам каков што Штруф не можеша да следи и за само 22 минути го доби четвртиот сет со 6:1.

Scroll to Top