Новак Ѓоковиќ во ново интервју пред САД опен во Њујорк, последниот гренд слем од сезоната, се отвори за својот личен живот и неговата сопруга Јелена.
Како и секогаш, српскиот светски рекет број 1, повтори дека добива инспирација и амбиција од неговата сопруга Јелена, која инаку има дипломирано економија на универзитетот Бокони во Милано.
„Таа многу сака да пишува и секогаш е инспирирана и мотивирана да пишува. Знам дека со парче хартија може да ги искаже своите емоции, кога нешто е добро или лошо. Неодамна ме прашаа дали тенискиот рекет е најмоќното оружје за мене, но одговорот е дека пишувањето е посилно. Сите големи идеи, книги, песни, сеќавања, научни достигнувања се на хартија“, вели Ѓоковиќ.
Тој зборуваше и за својата фондација со која помага за образованието на децата во Србија и во светот.
„Кога во 2011 со партнерство на УНИЦЕФ дознав дека 55 отсто од децата во Србија не одат во градинка, решив дека морам да направам нешто. Се работи за различни причини – културни, финансиски и недостаток на простор. Затоа почнавме да градиме градинки, да ги обновуваме старите и во последните 10 години имавме многу успешни партнерства со Светската банка и другите институции“, вели Ѓоковиќ.