Top Sport

Ѓоковиќ не знае дали ќе игра во Мелбурн поради задолжителната вакцинација

Актуелниот шампион и светски број 1, Новак Ѓоковиќ уште не одлучил дали ќе настапува на Австралија опен, откако претседателот на турнирот Крег Тајли во саботата потврди дека сите тенисери и тенисерки ќе мора да бидат вакцинирани за настап на првиот гренд слем во 2022 година.

Ѓоковиќ, кој е деветкратен шампион од Мелбурн, и претходно повеќе пати беше сомничав околу вакцинацијата, прво кратко одговори со „ќе видиме“ за неговиот настап, за потоа да објасни.

„Не сум зборувал со луѓето во Австралија и ги чекав вестите за тоа каква ќе биде ситуацијата. Сега го знам тоа и ќе почекаме. Мислам дека слободата за избор е основна за секого, за мене или за било кој друг. Не е важно дали се работи за вакцинација или за нешто друго во животот. Треба да имаш избор во животот, во овој случај, што ќе ставиш во твоето тело“, вели 34-годишниот Србин.

Александер Зверев, близок пријател на Ѓоковиќ кој го победи во вчерашното полуфинале на АТП финалето, вели дека се надева дека тој ќе биде ов Мелбурн.

„Ова е тешка тема, бидејќи лесно станува политичка. Но, гостуваме во друга земја и мора да ги почитуваме нивните правила. Без него ќе биде полесно да се стигне до титулата, тоа е очигледно, но како број еден тој треба да биде таму. Се надевам дека австралиската влада ќе го направи вистинскиот потег“, додава Зверев.

Scroll to Top