Во интервју за германскиот „Ди велт“, светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ зборуваше за поддршката која ја имал од својата сопруга Јелена во тешките моменти во кариерата.
„ Сѐ и должам на Јелена. Таа ме натера да се соберам кога бев буквално скршен. Кога немав мотивација да продолжам со тенисот. Кога не го сакав тоа веќе и се прашував дали вреди да продолжам со уморот и болката цело време. Јас сакав да завршам со сѐ, откако вложував толку напор но не се наоѓав. Јелена ме излечи, ме охрабри и ми кажа да почекам и дека семејството е тука за мене, како и секогаш. Требаше да бидам трпелив и да не уништам сѐ што градевме со години“, вели Ѓоковиќ.
Србинот додава дека пресвртот се случил во неговата 30-та година во животот.
„Не знаев дека не можам да контролирам сѐ во животот. Јас бев момче кое го гледа топчето на теренот. Ги гледав важните цели, но не и начинот како да се стигне до нив. Сакам да освојам уште гренд слем титули, но сакам да сум и ментално целосен и балансиран. Едноставно: Тоа што го правам денес, да ми помогне утре. Сега сум татко. Секој може да биде татко, но тешко е да си родител. Сега внимавам на однесувањето и си велам: ’Што би кажал мојот син Стефан, кој има четири години, да ме види сега’“, објаснува Ѓоковиќ.