Top Sport

Големиот кристален глобус за Шифрин, победата во спуст за Норвежанката Ли

Кајса Викоф Ли ја оствари првата победа во Светскиот куп во скијање. Норвежанката славеше во спуст на домашен терен во Квитфјел. Софија Гоџа го обезбеди малиот глобус наменет за најдобрите во спуст, додека неверојатната Микаела Шифрин, петти пат е севкупна победничка во женска конкуренција.

Ли стартуваше со број три и со време од 1:32.36 постави граница која никој од преостанатите натпреварувачи не можеше да ја помести.

Второто место и припадна на Софија Гоџа, која заостана 29 стотинки зад победничката. Сепак, Италијанката имаше огромна причина да биде среќна бидејќи го обезбеди севкупниот триумф во спуст. Ова е нејзин четврти мал глобус во најбрзата дисциплина.

На третото место со минус од 41 стотинка заврши Корин Сутер од Швајцарија. Илка Штухец заврши на четвртото место со заостанување од 61 стотинка.

Микаела Шифрин се пласира на петтото место и по петти пат во кариерата го обезбеди Големиот кристален глобус. Таа е повеќе од 700 поени пред Лара Гут-Бехрами, па сега нема ни теоретски шанси Швајцарката да и се закани.

Scroll to Top