Конор Мекгрегор и Хабиб Нурмагомедов добија суспензија на неопределено време додека трае истрагата за тепачката која се случи по нивниот меч на УФЦ 229 во Лас Вегас.
Спортската комисија на Невада (НСАЦ) на состанокот можеше да им дозволи на двете УФЦ ѕвезди да продолжат да се натпреваруваат, но наместо тоа решија да ја истражат тепачката на 7 октомври и до тој момент да останат суспендирани.
Хабиб по убедливата победа со давење во четвртата рунда против Мекгрегор, скокна да се тепа со колегата на Ирецот, Дилон Денис, предизвикувајќи вистински хаос во „Т-Мобиле арената“, по што НСАЦ му ги задржа предвидените 2 милиони долари како награда. Сега, комисијата реши да му дозволи да повлече 1 милион долари, а другата половина ја задржа до дисциплинската постапка која ќе се одвива во декември. Двајцата ќе треба лично да се јават на сослушувањето.
Мекгрегор ги доби своите пари и покрај тоа што се објавија снимки на кои се гледа како тој удира еден член на тимот на Хабиб на кафезот, во основа стартувајќи ги немилите сцени.
„Да го имавме тоа видео тогаш, и неговите пари ќе беа задржани“, потврди Ентони Мартел, претседателот на НСАЦ.
Ирецот потоа постави долга порака на Инстаграм, признавајќи дека загубил фер и ветувајќи дека ќе се бори со било кого. Хабиб се извини за својата постапка, но наместо меч во УФЦ, работи на организирање на боксерски меч во Москва со Флојд Мејведер Јуниор.