Руските и канадските хокеарки мораа да носат медицински маски за време на нивниот меч на Олимпијадата во Пекинг во една од најбизарните сцени во олимписката историја.
Хокеарките и официјалните лица се решија на ваква мерка откако првично мечот беше одложен повеќе од еден час, откако Канаѓанките одбиваа да го почнат мечот без да ги добијат резултатите од КОВИД-тестовите на своите руски ривалки, по што мораше да интервенира и Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ).
Според руската „Мач ТВ“, Интернационалната хокеарска федерација (ИИХФ) ги сменила КОВИД-протоколите, наредувајќи тестови во текот на утрото, по што Русинките се тестирале три часа подоцна по појадокот и се појавиле во арената без документи со кои се потврдува негативниот тест.
Канаѓанките потоа протестирале и најавиле бојкот на играта, пред да се дојде до компромис и хокеарките да носат заштитни маски на лицето. Хокеарките добиле дозвола да ги симнат маските во третата третина откако биле потврдени негативните тестови на Русинките, иако Канаѓанките решиле да ги заддржат маските.
Канада, која е фаворит за златото, стигна до лесна 6:1 победа.