Top Sport

Кеш: Федерер не е ниту втор најдобар во историјата

Австралиската тениска легенда Пет Кеш вели дека Роџер Федерер не само што нема да биде запаметен како најдобар тенисер во историјата, туку нема да биде ниту на второто место на оваа „вечна листа“.

Федерер е сопственик на рекордни 20 гренд слем титули, но неговите лути ривали, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ се многу блиску – Шпанецот има 19, а Србинот 17 големи трофеи. Покрај тоа, Федерер има негативен скор против двајцата и Кеш смета дека тој ќе треба да се оценува според дуелите со своите главни ривали.

„Сите велат дека Федерер е најдобриот тенисер во историјата, но искрено, тој не е ниту втор најдобар во сопствената ера. Тешко е да се поверува, но така. Ако си најдобар на сите времиња, треба барем да имаш подобар скор против своите двајца најдобри ривали. Тоа треба да е првиот фактор. Според ударите кои ги упатува, за мене Федерер е најдобриот кого сум го гледал. Но, на многу начини тој е и старомоден и новите подлоги и топчиња не му одговараат. Тој има неверојатен успех, но Ѓоковиќ е многу блиску и бргу ќе го помине“, вели Кеш.

Scroll to Top