Top Sport

Кирјос: Федерер, Надал и Ѓоковиќ не се богови па да им се восхитувам

Треба да направиш нешто повеќе од удирање на тениското топче за да бидеш почитуван. Тоа е пораката која контроверзниот австралиски тенисер Ник Кирјос им ја прати на Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, објаснувајќи зошто не ги става на пиедестал тениските шампиони.

Кирјос минатиот месец доби огромни критики од Надал на Мексико опен во Акапулко, кога Шпанецот по поразот од него изјави дека тој не ги почитува ниту противниците, ниту спортот.

„Тој нема почит кон публиката, кон противникот и кон самиот себеси. Не мислам дека е лошо момче, туку само дека му недостасува почит“, изјави тогаш Надал.

Австралиецот вели дека нема потреба да ги почитува најголемите имиња во тенисот.

„Не знам колку почит другите им покажуваат, но јас нема да ги почитувам само бидејќи знаат да удираат топче преку мрежа. Зошто би им го дал тоа? Тие веќе ја имаат предноста да играат на најдобрите терени, на најдобрите услови. Тоа што го прават за спортот е големо, инспирираат милиони низ целиот свет, но кога сум на теренот не сакам да сум и пријател“, вели Кирјос во интервју за „Дејли мејл“.

Можеби има врска со скорот против најголемите – против Ѓоковиќ има 2-0, против Надал 3-3, а против Федерер 1-3.

Надал „лут како рис“, Кирјос не почитува никого (Видео)

Scroll to Top