Top Sport

Кога Вимблдон зависи од деца

Од Лондон Ненад Живановски

Тие се во „сенка“, иако постојано се на сонце. Тие се незабележливи, иако ги гледате на ТВ екранот како претрчуваат. Тие се анонимни, иако и Ѓоковиќ и Медведев и Надал со задоволство прифаќаат да се фотографираат со нив. Тие се собирачи на топки или како популарно се нарекувани на Вимблдон ball boys и ball girls (ББГ). Момчиња и девојчина на кои секој победник на турнир ќе им се заблагодари и ќе рече дека без нив турнирот не би бил можен.

Секој Вимблдон, првиот ден многу време посветувам гледајќи во нив, и секогаш одново сум импресиониран колку уиграно и координирано си ја вршат својата работа, која упростено може да се нарече собирање на топчиња. Меѓутоа, таа е многу повеќе од тоа – од моментот кога топчето ќе падне на земја, па до моментот кога ќе се појави на тенискиот рекет на тенисерот, тоа е цел еден процес, кој автоматизирано, со уиграни eye contact и body language го обавуваат овие деца.

Така увежбани, на некои им наликуваат како да се припадници на специјалните единици; низ Вимблдон се движат формациски еден позади друг и по десетина на број, на терените се без било каква емоција на лицето и сите стојат во ист став – на сонце или на ветер, извршувајќи ги задачите како роботи, со идентични движења на сите нив.

Престижно е да се биде ББГ на еден од четирите гренд-слемови, иако овие од Вимблдон важат за најелтини од четирите големи турнири. Чарли Бренон е еден од нив – елитните. Ball boy на Вимблдон е веќе неколку година по ред, со намера да учествува и наредната.

Сосема случајно го сретнав кога дојде на автобуската станица, облечен во карактеристична работна маица. Не сакав да ја пропуштам приликата да поразговарам со него. Без проблем ја прифати молбата за разговор, кој го водевме на најнеобичното место на кое сум правел интервју било кога – на горниот спрат од дабл декерот, додека се возевме во ист правец од Вимблдон кон Морден.

На моето прашање како се постанува ББГ, русокосиот Чарли ми одговори:

„Во основа, ако вашето училиште е во близина на Вимблдон, организаторот ги скаутира потенцијалните момчиња и девојчиња кои ќе бидат ангажирани на турнирот. Јас бев еден од нив. Најпрвин престои пробно тестирање, за да се види дали ги исполнувате основните критериуми. Кога еднаш ќе го поминете пробниот период, ако сте доволно добар, тогаш влегувате на Вимблдон и повеќе контактите не се преку училиштето туку директно меѓу вас и организаторот. Тогаш започнува процесот на обука и тренирање, кој трае околу девет месеци за потоа да можете да учествувате на турнирот како ББГ“.

За критериумите кои се потребни да бидат исполнети за да можеш да бидеш селектиран, Чарли ми појасни:
„Ако си повисок, тогаш можеш да стоиш позади задната линија – тоа се позициите каде стојат четворица и ги додаваат топчињата на тенисерите да сервираат. Ако си понизок, како јас, тогаш најчесто си поставен на центарот, позади мрежата. Исто така, потребно е да си во добра физичка кондиција, секој тренинг ние правиме десет минути загревање, што се состои и од 3-4 трчања околу теренот. После секој тренинг, поединечно сме оценувани и доколку не си доволно добар, може да бидеш елиминиран. Старосната граница е во просек 13-14 години, но и нешто погоре, но на 18 години веќе се смета дека си стар за да бидеш ББГ.

Следно што ме занимаше беше дали еднаш кога ќе бидеш анагажиран као ББГ имаш сигурност дека и наредната година ќе бидеш повикан, или секоја година се прави нова селекција?

„Секоја година се регрутираат нови ББГ, но, исто така, се повикуваат и старите од последните 2-3 години. Ако претходно си учествувал и ако си доволно добар веднаш го почнуваш пробниот период, без претходна селекција. Јас сум неколку година последователно ball boy и се надевам дека и следната година ќе бидам ангажиран“.

На прашањето дали овој ангажман е волонтерски, или се платени за него, Чарли ми одговори:

„Платени сме околу 200 фунти за двете седмици колку трае турнирот. Но, тоа зависи и од деновите. Обично после петокот помлаку сме платени бидејќи има и помалку мечеви на турнирот и немаат потреба од толку ББГ. Ако останеш до последниот ден т.е. до финалето, тогаш си платен околу 240 фунти“.

Бидејќи на Јутјуб има снимки како некои собирачи на топки колабираат на терен од топло време, ме интересираше колку им е напорно кога се високи температурите, а тие мораат да стојат на сонце?

„Пред натпреварот се мачкаме со креми за да се заштитиме од сонцето. Исто така, имаме со нас и термуси со ладна вода и можеме да се освежиме при секоја пауза. Ако се случи некој да колабира, тука се интервентните екипи да го повратат, но и секогаш има резервни момчиња и девојки кои се подготвени да влезат и заменат некого. Никој од нас не стои на едне меч повеќе од еден час бидејќи организаторот знае дека топлото време нè исцрпува и секогаш после еден час се прави замена со нови ББГ. Во текот на денот еден ББГ може да биде ангажиран најмногу четири часа, но никогаш тие не се во континуитет“.

На крајот од разговорот, логично се наметна прашањето дали Чарли тренира тенис и кој му е омилен тенисер.

„Не тренирам, но дефинитивно Вимблдон ме инспирира овие неколку години колку сум ball boy да решам наскоро да почнам да тренирам. Од тенисерите го обожавам Ник Кириос поради неговиот темперамент бидејќи е забавен и смешен. Мислам дека тој и нема тренер, туку самиот се тренира, што ме воодушевува. Исто така, го сакам и Новак Ѓоковиќ. Тој е број еден и за мене“.

Scroll to Top